ПЕТ НЕСРЕЌИ ПРИ РАБОТА САМО ЗА ЕДНА СЕДМИЦА Печати
ДРУГИТЕ ЗА ЗПР - ДРУГИТЕ ЗА ЗПР
Среда, 13 Август 2014 07:28

Црн работнички биланс

Момчето Н.М. од скопското село Батинци, кое минатата недела почина откако беше затрупано од одрон при вршење ископ на земја со багер, е последната од низата несреќи што се случија минатата недела.

Во црната статистика на несреќи при работа за седум дена се запишаа уште четири други случаи. Три од нив се од областа на градежништвото. Во последната тројца работници паднале од скеле при изведување градежни работи на новиот маркет на „Жито“ во Велес. Двајца се повредиле, едниот поминал со полесни повреди, а другиот повредил два слабински пршлени. Претходниот ден, на трети август, уште еден работник падна од скеле во селото Тополица, Гостиварско. И тој заврши со сериозни повреди поради кои беше префрлен во Клиничкиот центар во Скопје. Истиот исход е и од несреќата во Тетово, кога 53-годишен работник паднал низ гипс-картонот од поткровјето на станот каде што работел.

Во петтиот случај од несреќите во првата недела од август станува збор за превртен камион во кој имало татко и три деца од струмичкото село Бањица. Две од децата поминале со полесни повреди, едното поминало без нив, а 45-годишниот татко имал скршеница на левата потколеница. Несреќата се случила на патот Градско -Прилеп, во близината на Росоман.

Според статистиките на Министерството за внатрешни работи, лани имало 157 случаи на несреќа при работа, што претставува зголемување за педесетина отсто во однос на 106 случаи од преклани.

НЕСРЕЌИТЕ СЕ ВО ПОРАСТ

Работниците минатата година најмногу несреќи имале во преработувачката индустрија, градежништвото и во здравствената и социјалната заштита.

Според инспекциските работници, најчеста причина за настанување на повредите е неодговорниот однос кон доследната примена на прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа. Тие појаснуваат дека станува збор за необученоста на работниците за безбедна работа, неизвршените здравствени прегледи, некористењето лични заштитни средства и опрема, неизвршувањето прегледи на работната опрема и друго.

- Најсликовито споредбата за условите за безбедна работа во земјава се илустрира со патишта: ги има - постојат, некои од нив се со многу непотребни кривини, но речиси на повеќето од нив им треба реконструкција. Сѐ уште ни претстои долг и напорен пат додека успееме да го направиме човечно и безбедно секое работно место во Македонија. Но и најдолгиот пат почнува со еден чекор, чекор што мислам дека го правиме - изјави Милан Петковски од Македонското здружение за заштита при работа.

За да се намали црната статистика, во текот на 2013 година инспекторите на трудот од областа на безбедноста и здравјето имале полни раце работа. Донеле 3.698 решенија за отстранување неправилности, а во исто време биле утврдени и 15.687 недостатоци во работниот процес. Инспекторите поднеле и 202 барања за прекршочна постапка за 27 смртни случаи и потешки повреди на работа, за кои се сомневаат дека се случиле поради непреземени мерки за безбедност и здравје при работа.

СТРЕС НА РАБОТНОТО МЕСТО

Не само напорната физичка работа може да ги стави работниците во здравствен ризик, покажуваат статистиките на Европската агенција за безбедност и здравје при работа. По мускулоскелетните заболувања, најчест пријавен здравствен проблем со работата во Европа е стресот. Половина од европските работници сметаа дека тој е присутен на нивното работно место.

Истражувањата на агенцијата покажуваат дека најчеста причина за негова појава е преместувањето на друго работно место или несигурноста за негово задржување. Се наведуваат и пренатрупаната работа и работењето голем број часови, како и малтретирањето и изживувањето на работа.

Повеќе од половина испитаници што биле опфатени во истражувањето сметале дека загубените работни денови може да му се препишат на стресот поврзан со работното место, а искуствата покажуваат дека отсуствата од работа поради оваа причина имаат тенденција да бидат подолги од оние предизвикани од некоја друга причина.

Две илјади евра казна

Ако не се исполнети законските обврски за безбедно работно место, фирмата ќе добие казна од две илјади евра, а и работодавецот ќе биде санкциониран со 1.200 евра. Во тие обврски спаѓа назначување одговорно лице за безбедност, ангажирање здравствена установа за систематски прегледи на вработените и јасни мерки за прва помош и евакуација. Според законот, фирмата треба ова да го заврши пред да почне со изградба на објектот и пред секоја реконструкција на одреден вид помош.

Извор: Нова Македонија