ГРАДЕЖНИЦИ ГИНАТ ОТИ ГАЗДИТЕ ШТЕДАТ PDF Печати Е-пошта
НОВОСТИ - Македонија
Четврток, 21 Август 2008 00:00

Градежниците и понатаму работат со висок ризик, оцени вчера претседателот на Синдикатот за градежништво и проектирање Павле Трандафилов, една година откако е донесен Законот за безбедност и здравје. Тој констатира дека состојбата со заштитата при работа во градежништвото не се менува на подобро и останува на најниско ниво и покрај тоа што градежниците работат со високиот ризик при работа, пренесува МИА.Според Синдикатот, од 7.300 евидентирани градежни фирми легално работат само десетина. Другите се повеќе или помалку шпекулантски - без механизација, капитал, па и без вработени мајстори. Во градежништвото се ангажирани вкупно 37.100 луѓе, од кои уредно се пријавени 14.549. Другите 22.564 работат на црно, тврди СГИП. Покрај смртни случаи, кај градежните работници се чести и тешките повреди со траен инвалидитет или последици за здравјето поради кои понатаму не можат да извршуваат физички активности.Според податоците на Синдикатот, само во педесетина од вкупно 7.300 регистрирани градежни фирми работодавците ангажирале овластен претставник за безбедност, обврска од Законот за безбедност и здравје. Тоа се фирми што се синдикално организирани и имаат колективни договори.

- Речиси 80 проценти од градежните фирми воопшто не го почитуваат Законот за безбедност и здравје, бидејќи дел од неговите решенија се апсурдни и тоа се злоупотребува. Работодавците не им дозволуваат на вработените да се организираат синдикално - соопшти Трендафилов. Во фирмите со обучени претставници за безбедност поретко има повреди и смртни случаи. Во фирмите каде што се работи на црно не смее ниту да се зборува за проблемите, ја пренесуваат во Синдикатот состојбата од теренот. Трендафилов укажува дека најголема манипулација газдите на фирмите прават со делот од законот во кој се вели дека синдикалниот претставник се избира на собир на мнозинскиот синдикат и на собир на работни луѓе. На собир на работни луѓе газдите си избираат свој претставник, кој нема легитимитет и ги затвора очите пред реалноста. Ако законодавецот кажал дека претставникот има право на посебна обука под услови предвидени со колективен договор, се прашуваме каде се применува тоа кога во 80 проценти од фирмите нема синдикати, а колективниот договор е мисловна именка - истакна Трендафилов.

Веста е превземена од Дневник 21.08.2008

 

МЗЗПР - Најава

МАКЕДОНСКО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ЗАШТИТА ПРИ РАБОТА

ул. Востаничка бр.2, 1000 Скопје, Македонија
поштенска адреса: поштенски фах 908
tel./fax: +389 (0)2 / 2774 868

www.mzzpr.org.mk | kontakt@mzzpr.org.mk