ПАРИЧНА КАЗНА ИЛИ ЕДНА ГОДИНА ЗАТВОР ЗА ОДГОВОРНИТЕ ЗА ТРАГЕДИЈАТА PDF Печати Е-пошта
ДРУГИТЕ ЗА ЗПР - ДРУГИТЕ ЗА ЗПР
Вторник, 05 Август 2014 07:16

Државниот инспекторат за труд вчера поднесе кривична пријава за фабриката „Ицемак“ од Сопиште, каде што пред десетина дена во експлозија двајца работници загинаа, а еден с` уште се бори за живот. По проверката на целокупната документација на вработените во фабриката, инспекторите утврдиле дека фабриката не презела заштитни и безбедносни мерки за вработените, кои немале завршено никаква обука за безбедност при работа.

- Во текот на денешниот ден ќе поднесеме кривична пријава според член 170 од Kривичниот законик против одговорното лице во правното субјект кое свесно не се придржувало за мерките за заштита при работа од Законот за безбедноста и здравјето при работа - изјавија вчера за „Дневник“ од Инспекторатот за труд.

Според Инспекторатот, од фабриката прекршиле повеќе члена од Kривичниот законик. Сопствениците на фабриката не обезбедиле безбедност и здравје при работа за вработените, вклучувајќи заштита од професионални ризици, обезбедување информации и обука и обезбедување соодветна организација и потребни средства, а не изготвиле и не спровеле изјава за безбедност во писмена форма. Фабриката дозволила пристап на вработени лица на работни места кои се изложени на сериозни и специфични опасности, а не добиле посебни упатства за работа. Вработените не поминале здравствени прегледи, а немале ни лична заштитна опрема. Инспекторите утврдиле дека во фабриката немало повремени прегледи и испитувања на работната средина и опрема, ниту испитување на микроклима, физички и хемиски штетности во работните и помошните простории. Kазната за ова кривично дело е парична казна или затвор до една година. Висината на паричната казна ја одредува посебно оформен судски совет.

- Бидејќи Државниот инспекторат не добил известување за вршење дејност од управителот на фабриката, поднесена е прекршочна пријава од втора категорија. Kазната за овој прекршок е глоба во износ 2. 000 евра во денарска противвредност за фирмата и глоба од 500 евра на одговорното лице. Инспекторатот поднел и прекршочна пријава од трета категорија, бидејќи фабриката не ги исполнувала неопходните безбедносни мерки, односно вработените немаат направено никаква обука од аспект на безбедност при работа, не биле извршени здравствени прегледи за високоризични работни места - велат од инспекторатот.

Kазната за овој прекршок изнесува од 5.000 до 8.000 евра на правното лице и глоба од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во правното лице.

Пред десетина дена четворица вработени биле на работа во фабриката за пиротехника „Ицемак“, сопственост на двајца скопски бизнисмени. Меѓу нив биле хемичарката и браварите, кои во погонот со површина од 20 до 30 квадратни метри работеле на калапирање гази. Во еден момент дошло до искрење на некоја од газите, по што настанале експлозија и пожар. Хемичарката и двајцата бравари биле тешко повредени. Еден од нив, на возраст од 59 години, почина минатата недела. Завчера на повредите им подлегна и најмладиот повреден Далибор K.(27) од скопската населба Припор, кој бил чирак во фабриката. Здравствената состојба на повредената жена, која е згрижена на Kлиниката за реанимација, е стабилна.

Причина за експлозијата не била ниту инсталацијата во фабриката ниту опремата.

Според неофицијалните информации, можната причина за експлозијата е искрење на предмет што го внел некој од вработените, а не смеел да го внесе. Најверојатно станува збор за запалка, но ова с` уште не е потврдено. Искрите од предметот ги запалиле ватите на кои имало барут. Тие почнале да горат и да пуштаат чад, но и да развиваат огромна температура поради што не дошло до појава на пожар, туку на експлозија.

Извор: Дневник

 

 

МАКЕДОНСКО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ЗАШТИТА ПРИ РАБОТА

ул. Востаничка бр.2, 1000 Скопје, Македонија
поштенска адреса: поштенски фах 908
tel./fax: +389 (0)2 / 2774 868

www.mzzpr.org.mk | kontakt@mzzpr.org.mk