НАЈМАЛКУ 68 ЛИЦА ЗАГИНАА ВО ЕКСПЛОЗИЈА ВО ФАБРИКА ВО КИНА PDF Печати Е-пошта
ДРУГИТЕ ЗА ЗПР - ДРУГИТЕ ЗА ЗПР
Понеделник, 04 Август 2014 06:46

Најмалку 68 лица утрово загинаа, а повеќе од 120 се повредени во експлозија во фабрика за авто-делови за американски произведувачи на автомобили во градот Куншан, во источната кинеска провинција Ѓангсу.

 

Експлозијата се случи утрово, околу 7.30 часот по локално време, во фабриката за производство на автоделови за различни компании, меѓу кои и за „Џенерал моторс“.

 

Резултатите од прелиминарната истрага покажуваат дека експлозијата била предизвикана од прашина, формирана додека работниците полирале метал, во допир со отворен оган, соопшти кинеската Влада, опишувајќи го инцидентот како сериозно кршење на безбедносните прописи.

 

Приведени се неколку менаџери од фабриката.

 

Вработен во обезбедувањето во друга фабрика раскажа дека експлозијата била толку силна што ги искршила прозорците од неговата чуварска куќичка, сместена на околу 500 метри од местото на експлозијата.

 

Во градот се отворени четири центри за давање крв, неопходна за пружање помош на повредените, од кои некои во текот на денот ќе бидат префрлени во Шангај и други околни градови на лекување.

 

Властите во Куншан соопштија дека ги повикале лекарите од Шангај и од другите региони.

 

- За 20 години, колку што се занимавам со оваа работа, никогаш не сум видел толку пациенти со изгореници на повеќе од 80 отсто на телото - напиша еден лекар на социјалната мрежа Веибо.

Тој предупреди дека конечниот број на жртвите би можел да биде „многу голем“.

Властите во Куншан соопштија дека во моментот на експлозијата во фабриката имало 264 работници, од кои 44 починале веднаш.

Според неофицијални информации, голем број луѓе настрадале затоа што менаџерите ја заклучиле вратата за да спречат работниците да одат во тоалет.

 

Извор: МИА

 

МАКЕДОНСКО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ЗАШТИТА ПРИ РАБОТА

ул. Востаничка бр.2, 1000 Скопје, Македонија
поштенска адреса: поштенски фах 908
tel./fax: +389 (0)2 / 2774 868

www.mzzpr.org.mk | kontakt@mzzpr.org.mk